Agave americana (Агаве американа) е еден од најголемите и највеличествените видови на Agave. Овој популарен и широко распространет сукулент достигнува височина до 1,8 м и до 4 метри во широчина. Листовите може да достигнат до 2 м должина. Потекнува од Мексико и се одгледува низ цел свет како украсно растение. Познат е како Американско Алое или Вековно растение, но “вековно“ е малку претерано, бидејќи за да процвета, најчесто е потребно да поминат од 10 до 30 години. По цветањето умира, но во меѓувреме околу него пушта многу нови израстоци. Цветовите му се во светло жолта боја и се издигнуваат над него на стебло кое достигнува височина и до 8 m.
Овој сукулент е познат и по неговите лековити својства, а се користи и во исхраната. Сокот од Американско Алое се користи како диуретик и лаксатив, и наоѓа примена за третман на модринки, надуеност, запек, жолтица и дизентерија. Стеблото и срцевината на неговиот цвет може да се печат и да се јадат. Од семето се прави брашно кое користи како згуснувач на супи и се прави леб. Ако стеблото на цветот се исече пред да расцвета, во срцевината се собира слатка течност од која со дестилација се добива алкохолен пријалок познат како mezcal.

Фамилија: Agavaceae
Род: Agave
Вид: Agave americana
Народнo имe: Американско Алое, Вековно растение
Синоними: Agave ingens var. picta, Agave zonata, Agave virginica, Agave variegata, Agave americana var. theometel, Agave theometel, Agave subzonata, Agave spectabilis, Agave ramosa, Agave picta, Agave altissima, Agave rasconensis, Agave milleri, Agave communis, Agave complicata, Agave felina, Agave fuerstenbergii, Agave gracilispina, Agave ingens, Agave melliflua
Потекло: Мексико
Боја на цветот: Бледо жолта
Сезона на цветање: Почеток на пролет/крај на лето
Висина: до 1,8 m
Дијаметар: до 4 m

Одгледување
Се одгледува во супстрат со добра дренажа, на места изложени на директно сонце или блага сенка. Растенијата кои се одгледуваат во саксии достигнуваат помали големини за разлика од оние кои може да се сретнат во природата, дворови и сукулентни градини. Во летниот период прилично брзо расте доколку се полева обилно. Помеѓу две полевања супстратот се остава да се исуши. Во зима се полева само колку да не му се исушат листовите. Препорачлива температура на кој треба да се чува во зимскиот период е 10 °C, а во пократок временски интервал, доколку супстратот е сув може да толерира и теператури до -9 °C.