Sempervivum tectorum (Семпервивум текторум) е сукулент од родот Semprevivum во кој има повеќе од 40 (некаде може да се сретне информација дека ги има и повеќе од 50) различни видови и дури над 3000 хибриди во различни форми, бои и големини. Членовите на овој род на сукуленти се многу попознати по нивното народно име, односно како Чувар на куќа. За овие сукуленти може да се каже дека најдобро го поднесуваат студот од сите други. Името Semprevivum доаѓа од латинскиот збор што значи - засекогаш жив. Овој Чувар на куќа е еден од најраспространетите кај нас.
Постои верување дека Чуварот на куќа штити од громови, болести и вештерки. Во една народна поговорка се вели “Подобро Чувар на куќа на куќата, одколку две кучиња пред неа“.
Во народната медицина сокот од овој сукулент се употребува против изгореници, херпес, хемороиди и чиреви. Тинктура од него се употребува како препарат против воспаление на грлото. Кај народот е познат и како лек за болка во ушите. Се прекршува едно ливче и се капнува една до две капки во болното уво.